Алкалоид го прославува најголемиот успех во клупската историја откако во третата година од своето постоење овој ракометен колектив се закити со пехарот од Купот на Македонија.
За околу 72 часа „сино-белите“ предводени од Кире Лазаров го совладаа најпрвин Вардар, а потоа и Еурофарм, на најдобар можен начин докажувајќи дека и со таква клупска филозофија – македонски играчи пред странци, може да се оствари успех.
Во сезона во која за првпат играше во Европската лига на ЕХФ и ја забележа премиерната европска победа, Алкалоид најдоброто го сочува пред самиот крај, во голем стил закитувајќи се со куп-трофејот со директни победи над довчерашниот куп-освојувач Вардар и актуелниот македонски првак Е. Пелистер.
Македонците пред странците
Од финансиски аспект, РК Алкалоид со моќен спонзор можеше да си дозволи уште на почетокот од годинава да доведе две до три странски засилувања и да остане во преден план во трката за титулата. Сепак, клубот од Автокоманда од самото формирање стави до знаење дека цел е да се победува со македонски продукт, со што повеќе домашни играчи кои ќе добијат шанса да тренираат и играат натпревари на највисоко ниво.
И додека ривалите наместо со својата екипа почнаа да се занимаваат и со втора професија – референти за социјални мрежи со специјализација за коментари на фејсбук, во Алкалоид напорно се работеше, Лазаров и неговите избраници не се поколебаа ниту по неколкуте слаби изданија во плејофот, напротив, продолжија напорно да работат. И наградата ја добија со пехарот на овој фајналфор во купот, во само третата година од своето постоење.
Кире отиде „во длабокото“ и ги „удави големите“
Голем беше притисокот врз Кире Лазаров во последните петнаесетина дена, особено по убедливиот пораз во Торшавн на македонската репрезентација на првиот дуел од баражот за СП 2025.
Сепак, најдобриот македонски ракометар одговори на вистински начин пред најсериозниот тест во тренерската кариера. Победата од „плус осум“ во Скопје значеше и пласман на Македонија на наредниот мундијал, а Лазаров со уште поголема самодоверба и верба во своите ракометари (знааен дел од нив се дел и од националниот тим) влезе во овој фајналфор турнир.
Во три дена да се совладаат најпрвин Вардар, а потоа и Пелистер, е навистина резултат за пофалба, доказ за тренерските квалитети на македонската ракометна легенда и најава за уште поголеми достигнувања во иднина.
Децата по стапките на повозрасните
Она на што во раководството на Алкалоид се особено горди, и тоа со апсолутно право, се успесите на сите екипи во помладите категории. Имено, „сино-белите“ во последните десетина дена станаа шампиони најпрвин во пионерска, потоа во младинска, за на крајот да го кренат пехарот и во кадетска конкуренција.
Систематската работа вродува со плод, па само прашање на време е кога дел од овие деца од помладите генерации ќе ги видиме и во сениорскиот тим, во годините што следат. Тоа е концептот што РК Алкалоид го постави, кој дава успех и нема сомнеж дека ќе продолжи да се развива и во иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА