Алкалоид пред ангажман на уште еден македонски ракометар

Тимот на Алкалоид го очекуваат џиновски битки до крајот на оваа натпреварувачка сезона, но амбициозната управа на актуелниот освојувач на Купот на Македонија веќе работи на формирање на уште поквалитетен ростер за следниот шампионат.

Во тој правец, веќе се преговара за ангажман на нови засилувања, а приоритет на Алкалоид како и досега остануваат трансфери на домашните македонски ракометари, кои би добиле шанса да се развиваат под водство на легендата на мак-ракометот Кире Лазаров. Последните информации говорат дека Алкалоид е на добар пат да потпише договор со Михаил Аларов, повремениот репрезентативец на Македонија кој настапува за Вардар.

Аларов блескаше во дресот на Пролет, по што добрите настапи за овој клуб му овозможија трансфер во Вардар, откако „црвено-црните“ дури и му платија отштета на скопскиот ривал за одличниот пивот. Тој сепак не добиваше шанса за блесок во Вардар, каде остана во сенка на репрезентативец Милан Лазаревски, што се одрази и на статусот на Аларов во националниот тим.

Неговиот договор со Вардар истекува на крајот од оваа сезона, а информациите велат дека „Автокоманда“ ќе биде следната дестинација во кариерата на овој квалитетен ракометар, кој игра квалитетно во два правци и сигурно ќе му биде од помош на Лазаров.

Се вчитува...