Алкалоид продолжува со подготовките за новата сезона

Освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид продолжува со подготовките за новата сезона во која покрај на домашен план ќе настапи и во ЕХФ купот.

Планираните активности на Маврово ќе бидат реализирани за вкупно 10 дена, а потоа екипата ќе се врати во Скопје од каде ќе ги координира следните активности. Тренерот Кирил Лазаров и ракометарите се задоволни и од условите за работата и тоа начинот на кој се одвиваат подготовките во овие воведни денови од летната претсезона.

„Маврово ни нуди прекрасни услови за да се спремиме и да бидеме на нивото за она што ни следува! Најважно ни е што тука имаме мир, можеме да работиме и да анализираме, воедно да градиме и добра атмосфера, сите да се дружиме заедно и да изградиме силно заедништво. Играчите се максимално сконцентрирани и мотивирани, работат дисциплинирано и задоволен сум како течат подготовките. Веќе имаме поставено систем кој го надоградуваме и позитивно гледам и на подготовките и на периодот кој што не очекува. Веќе одигравме еден пријателски натпревар со кадетската репрезентација на Македонија, бевме нивен спаринг-партнер пред настапот на Европското првенство, ќе имаме уште пет до шест квалитетни пријателски дуели. Нема да биде цел да победуваме по секоја цена, сакам да им дадам шанса на сите играчи, со цел сите играчи да бидат спремни за предизвиците кои ни следат, затоа што сезоната ќе ни биде долга и напорна“, вели Лазаров. 

Капитенот Игор Ѓоргиев размислува слично…

„Првата фаза ја одработивме во Скопје каде што поминавме десет дена. Веќе неколку дена сме во Маврово, подготовките се одвиваат во најдобар ред. Ќе се потрудиме да се воиграме добро, тука се и новите играчи со кои работиме заедно. Со нас е и Франциско, кој е нов странски играч во нашата екипа и сите му помагаме полесно да се адаптира. Тренираме напорно за да бидеме физички подготвени, а исто така сме посветени и на тактичкиот дел со тренерот Лазаров. Сезоната која ни следи ќе биде интересна, па мора добро да се спремиме за нашите цели и за она кое ни следува. Како екипа имаме поставено наши цели, но ќе одиме од меч во меч. Првиот официјален натпревар ќе ни биде Суперкупот на Македонија, каде сакаме да влеземе максимално спремни за надигрување со ривалот“, изјави Ѓоргиев. 

Се вчитува...