Алкалоид останува единствен тим со перфектен скор во Супер-лигата откако екипата на Кире Лазаров лесно и убедливо славеше на гостувањето против Пролет со 26-39. Фаворитската улога беше рутински оправдана, гостите наметнаа темпо што тимот на Пролет не можеше да го следи и заслужено се радуваа на победата.
Почетокот на мечот беше неочекувано бавен, па по осум миунти игра резултатот гласеше 2-2. Алкалоид конечно ја забрза играта и влезе во ритам, па по исклучувањето на Глигоров гостите набрзина поведоа со 3-6. Набрзо следеше ново исклучување на домашниот тим, овојпат на Стојановски, а Алкалоид знаеше како да го искористи тоа и преку Џонов и Митев набрзина стигна до 5-9. Палевски постигна мајсторски гол од крило крај Кизиќ за 8-11, но во следните три минути следеа четири гола во серија за Алкалоид за убедливи 8-15 за тимот предводен од Кире Лазаров. Двата тима одиграа ефикасно до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со водство на гостите од Автокоманда од 15-20.
Вториот дел продолжи со целосна контрола од страна на избраниците на Кире Лазаров, кои ја зголемија предноста и умешно го контролираа резултатот. Големата разлика овозможи двајцата тренери да им дадат шанса на речиси сите ракометари, а Алкалоид знаеше како рутински да го приведе мечот до крај, славејќи со конечни „плус 13“.
Серафимов со шест гола беше најефикасен кај Алкалоид, по пет постигнаа Бинго и Митев, додека прв стрелец на Пролет во вечерашниот убедлив пораз беше Андреј Стојановски со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА