Ракометарите на Алкалоид ја запишаа и петтата победа во 5. коло од Суперлигата на Македонија, триумфирајќи сосема очекувано на гостувањето против Тиквеш во Кавадарци со 25-31.
Уште во првото полувреме избраниците на Кире Лазаров покажаа кој е кој на домашната ракометна сцена, јасно давајќи до знаење дека нема да дозволат било какво изненадување. Константно се зголемуваше предноста низ првите 30 минути, за да се замине со 13-19 на паузата.
Во вториот дел само рутински се одржуваше предноста, и покрај обидите на домашните да се доближат – но неуспешно. Па, до крајот се дојде до идентична гол-разлика за конечни 25-31.
Одличен на голот во второто полувреме беше голманот Галевски со осум интервенции, а Серафимов и Митев беа најефикасни со по пет гола. Кај домашните Арсов со 11 интервенции на голот, а Обина постигна шест гола, додека Анастасовски запиша три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА