Алкалоид се закити со вториот трофеј во клупската историја, и тоа повторно со триумф над Е. Пелистер откако тимот на Кире Лазаров славеше во вечерашниот дуел во Гевгелија од Суперкупот на Македонија со резултат 33-30. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Алкалоид доминираше од самиот почеток, имаше „плус пет“ по првиот дел и на крајот заслужено се радуваше на триумфот и на освоениот пехар.
Марко Митев го реализираше првиот напад на Алкалоид на мечот, но „пелистерци“ одговорија со реализираниот седмерец на Филип Куљсзмановски. Битолчани првото водство го имаа во петтата минута кога Радивојевиќ погоди од крило за 2-3, но Кизиќ со неколку одлични одбрани на голот на Алкалоид помогна „сино-белите“ да се вратат во позитива и преку Костески да дојдат и до „плус два“ (6-4). Во ритам на спротивната страна влезе и Никола Митревски со неколку одбрани, па Пелитер направи пресврт поведувајќи со 6-7 преку Радивојевиќ. Следеа два гола на Алкалоид за враќање на куп-победникот во водство, по што Ангеловски реши да го побара првиот тајмаут на мечот.
Ситуацијата не се промени, напротив, Алкалоид максимално го искористи исклучувањето на Кузмановски, па набрзина стигна и до три гола предност (11-8). Немоќта на неговиот тим го натера тренерот Ангеловски експресно да го побара и вториот тајмаут, при водство на противникот од 14-10. Советите не вродија со плод, Алкалоид продолжи да доминира и со атрактивни акции во нападот стигна и до пет гола предност (16-11, 17-12). Битолчани ги загубија нервите, па капитенот Кузмановски доби директен црвен, а потоа и син картон поради удирање на Карасманакис во акцијата во која „пелистерци“ беа во напад. Алкалоид продолжи да го контролира резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 19-14.
„Пелистерци“ заиграа далеку подобро во одбраната на стартот од второто полувреме, набрзина дојдоа на 19-16, резултат при кој Кизиќ одбрани два зицера на битолскиот тим. Алкалоид првиот гол во вториот дел го постигна со пеналот на Костески во 35. минута, негов седми гол на мечот. Галевски влезе и одбрани седмерец на Кузманоски при 20-17, по што во следниот напад Бинго беше прецизен на спротивната страна со гол од крило за „плус четири“. Пелистер повторно дојде на два гола разлика (21-19), по што Кире Лазаров реши да побара тајмаут.
Костески промаши пенал при 24-22 во 47. минута, но веќе во следниот напад Французинот Бинго одлично се снајде и го врати Алкалоид на „плус три“. На десет минути до крајот резултатот гласеше 27-24 за Алкалоид, кога Бинго доби исклучување по еден старт врз Цехте. Симоноски не реализирашсе зицер при 28-25, истиот играч следната минута беше прецизен, а Галевски одигра клучна улога со одбранет зицер на помалку од три минути до крајот при резултат 29-27. Симоноски мајсторски реализираше за 30-27 на помалку од три минути до крајот, принудувајќи го Ангеловски да го побара последниот тајмаут на мечот. Сепак, младиот тим на Алкалоид одигра искусно во финишот, ја задржа предноста и триумфираше со конечни 33-30.
Никола Костески беше прв стрелец со осум гола кај Алкалоид, шест реализираше Митев, а по пет Симоновски и Серафимов. Кај „пелистерци“ најефикасен во вечерашниот пораз беше Филип Кузмановски со пет гола, иако капитенот на битолчани беше исклучен уште во првото полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА