Алкалоид со нова победа продолжува кон зацртаната цел

Најтрофејниот шаховски клуб во Македонија непоколебливо продолжува кон освојување на својата 25. титула на 31. издание од Екипното првенство во шах, кое се игра во Охрид.

Очекуваната победа на ШК Алкалоид во дуелот со аутсајдерот Анпасан СЕС од Шипковица беше реализирана со 5,5 : 0,5, односно противничкиот клуб успеа да добие само едно реми. На првата табла ИМ Илир Сеитај ги водеше белите фигури против српскиот интернационалец ВМ Велимир Ивиќ, но и покрај тоа што тоа беше судир на искуството против младоста, беа одиграни повеќе од 30 потези во кои немаше изразена надмоќ на едната страна. Младиот 21-годишен Ивиќ испушти можност во средишницата да направи обид со размена на фигурите и евентуално да дојде до шанса за победа, благодарение на неповолната пешачка структура на противникот, но се одлучи за поинакво продолжение, кое на крајот резултираше со поделба на поенот.

На другите табли „фармацевтите“ не им оставија шанса на противниците за какво било изненадување, при што ИМ Филип Панчевски во Италијанска партија забележа победа против ИМ Ламби Паско, кој е најквалитетниот играч во противничкиот тим. ВМ Звонко Станојоски на третата табла трпеливо ја градеше позицијата против Ратко Трајановски, па во средишницата ја презеде иницијативата и се здоби со одлучувачка предност со жртва на квалитет, додека, пак, ИМ Тони Лазов на четвртата табла стигна до нова победа овојпат на помалку драматичен начин од претходните, казнувајќи ја непрецизната игра на Владимир Владимиров. На петтата табла Назмидин Имери одигра повеќе од 70 потези со ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, иако веќе по првите 20 беше во инфериорна позиција и набргу загуби квалитет, а по уште 20 потези велемајсторот Јаќимовиќ веќе имаше предност од цел топ, но се играше борбено до самиот крај. ВМ Роландо Кутиров ја заокружи победата со триумф над Беким Сулејмани, кој имаше изедначена позиција во словенска одбрана по првите 15 потези, но потоа беше надигран во средишницата.

Во другите мечеви, Гостивар го совлада Прилеп со 3,5 : 2,5 и му ги разниша шансите за повторување на ланскиот успех, додека, пак, ГШК Куманово 1, исто така, минимално славеше над Пелагон со 3,5 : 2,5. Аутсајдерот Шкупи загуби од Гамбит со 2 : 4, а веќе во 5. коло ќе има уште еден тежок противник бидејќи се среќава со ШК Алкалоид, кој засега води на табелата со 8 бода.

На женскиот турнир фаворитките ќе играат меѓу себе во последните кола, додека, пак, првите мечеви се загревање за завршницата. Во дуелот од 4. коло шахистките на битолскиот клуб Стево Патако имаа вистинска шаховска школа во мечот со Алкалоид. Изгледаа импресионирано од фаворитките и уште во раната фаза на играта поставија многу дефанзивни позиции. Сепак, разликата во класата ги доведе до неизбежен пораз на сите четири табли, но воедно и до поука дека поените се освојуваат со поборбен пристап. Во таа смисла, партијата на Ана Марија Нечова против ЖИМ Габриела Коскоска треба да се посочи како позитивен пример, бидејќи младата шахистка долго и солидно ја одржуваше послабата позиција и по точно пет часа игра се предаде како последна завршена партија од сите (и на машкиот и на женскиот турнир).

ГШК Неготино повторно се издвојува со ново изненадување, со победата над фаворизираниот Гамбит Ассеко СЕЕ од 3 : 1, додека, пак, ШК Фишер ја забележа првата победа над ШК Гостивар, исто така, со 3 : 1. МШК Центар му го нанесе третиот пораз на ГШК Куманово 1 со 3,5 : 0,5. На табелата во водство се три екипи со по 8 бода: Алкалоид, Центар и Неготино.

Денеска на женскиот турнир ќе има дерби мечеви, при што Алкалоид игра против Гамбит Асеко СЕЕ, а Неготино против Центар.

Се вчитува...