Алкалоид со победнички марш низ Охрид

Ракометарите на Алкалоид продолжија со извонредните игри во дебитантската сезона во Супер-лигата, откако со денешниот триумф во Охрид (28-29) се зацементираа на второто место во својата суперлигашка група. Избраниците на Кире Лазаров одиграа одличен меч во кој во второто полувреме го контролираа резултатот, за во финишот да успеат да ја задржат предноста и заслужено да се радуваат на нови бодови.

Првото полувреме донесе израмнета игра во која двата тима се менуваа во водство. Алкалоид во неколку  наврати имаше „плус два“ (3-5, 5-7), но охриѓани се вратија и на одмор се замина со израмнети 12-12. Вториот дел почна со фуриозна игра на гостите од Скопје, кои беспрекорно ги казнуваа сите грешки на домаќините, постигнувајќи четири гола во низа на самиот старт од полувремето. Алкалоид имаше и најубедливи 18-24, но охриѓани не се предадоа, намалувајќи на 22-24. Мартин Серафимов постигна клучен гол за да ја прекине серијата на домашниот тим, а токму Серафимов беше стрелец и на погодокот за печат на триумфот, за водство од 27-29 на една минута до крајот.

Десниот бек на македонската репрезентација беше најдобар поединец на овој дерби дуел со 12 постигнати погодоци, по четири постигнаа Митев и Ѓоргиев, а три Младеновиќ. Најефикасни во таборот на Охрид беа Озтурк со девет и Бојаниќ со седум постигнати гола.

Се вчитува...