Македонската таеквондо федерација денеска доби и нов официјален спонзор откако успехот на овој спорт кој продолжува да носи медали на Македонија го препозна една од најуспешните македонски компании „Алкалоид“. На денешната пресконференција на која присуствуваа Претседателот на федерацијата Борче Костовски, олимпиецот Дејан Георгиевски и првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов беше потпишан договор со важност од најмалку две години.
Задоволството од соработката не го криеја Костовски, Георгиевски и Мукаетов, кои се осврнаа кон претходните успеси на таеквондо федерацијата, а додадоа дека се оптимисти за нови успеси поготово по големата помош од новиот спонзор.
„Благодарност до Алкалоид и до Живко Мукаетов, би сакам да напоменам дека нашето таеквондо во последната година бележи страшни резултати, несоодветни за македонското спортско поднебје. Покажавме дека со страст и работа не постои ништо невозможно. Годинава пред нас се уште неколку силни турнири, ова а предолимписка година и заслижуваме голема државна помош бидејќи се бориме за најмалку една олимписка норма. Благодарност до Мукаетов како човек со големо срце кој секогаш помага на македонскиот спорт. Благодарни сме бидејќи ја препозна македонската таеквондо приказна и верувам дека заедно ќе бидеме уште поуспешни отколку што бевме досега“, изјави Костовски.
„Мило ми е што денеска сме собрани ова да за потврдиме дека македонското таеквондо е сериозна спортска приказна. Благодарност до Алкалоид за оваа поддршка. Јас можам да кажам дека со мојот тим работиме напордно за повторно да ја израдуваме македонската јваност како што беше на Олимписките игри во Токио“, изјави Георгиевски.

Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов потенцираше дека како општествено одговорна компанија застануваат зад млади и амбициозни лица кои преку спортот носат огромна промоција за Македонија во светот.
„Денеска ми е чест и гордост што сум тука со македонската таеквондо федерација и репрезентација. Алкалоид како општествено одговорна компанија дава придонес за јакнење на македонската нација по сите основи. Ние го препознавме тоа што го работат овие млади амбициозни луѓе. Чест ни е што ќе бидеме дел од тимот што ќе се бори за успеси на Македонија. Среќен сум кога ќе видам луѓе што работат заедно максимално посветено и упорно. Оптимист сум дека ќе се радуваме на повеќе олимписки норми и медали во иднина. Ќе градиме уште многу успеси“, изјави Мукаетов.
Македонската таеквондо федерација изминатите години забележа огромен успех, освојувајќи медали на европските и светските собири, а на Олимписките игри во Токио испиша и историја со прв пласман на Дејан Герогиевски, кој се закити со сребрен олимписки медал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



