Алкалоид со тројца нови ракометари, сите доаѓаат од Мулти Есенс

Вицешампионот Алкалоид останува доследен на сопствената политика и принцип да им даде шанса на младите и талентирани македноски ракометари.

Во тој правец, „сино-белите“ од Автокоманда денеска објавија дека за вториот дел од сезоната ќе бидат засилени со тројца нови ракометари, сите тројца доаѓаат од таборот на Мулти Есенс кој важи за „расадник на таленти“ за првата екипа на Алкалоид.

По завршувањето на првиот дел од ракометната сезона во која РК Алкалоид го освои првото место во групата „А“ во македонската Суперлига со скор од 14 победи од 14 натпревари и дебитираше во EHF Европската лига, донесени се одлуки за одредени играчки промени што ќе бидат извршени во пресрет на плејоф-натпреварувањето.

Јуниорскиот репрезентативец Валентин Карасманакис, ракометар кој игра на позицијата пивот од редовите на РК Мулти Есенс ќе се пресели во екипата на РК Алкалоид.

Десното крило Мартин Димовски кој во првиот дел од сезоната играше за екипата на РК Мулти Есенс, во пролетниот дел ќе биде дел од екипата на РК Алкалоид.

Голманот Виктор Василевски од екипата на РК Мулти Есенс во плејоф продолжението на сезоната ќе настапува за екипата на РК Алкалоид“, се вели во објавата на ракометниот вицепрвак на Македонија.

Алкалоид пренесува два бода во плејофот откако ја заврши Супер-лигата како првопласиран во својата група. Тимот предводен од Кире Лазаров во првиот меч од плејофот в сабота ќе му гостува на скопскиот ривал Тинекс Пролет.

Се вчитува...