Карлос Алкараз продолжи со серијата неверојатни резултати откако Шпанецот триумфираше на турнирот во Токио, за своја осма титула во оваа 2025 година.
Алкараз на 22-годишна возраст веќе има 24 трофеи во својата витрина, откако во денешното финале славеше над Тејлор Фриц со 2-0 во сетови. Иако на својот прв меч во Јапонија имаше незгодна повреда, првиот носител ги остави проблемите зад себе, одигра маестрален турнир што го круниса со рутинска победа во финалето.
Мечот беше израмнет до 4-4, кога Алкараз направи брејк и славеше со 6-4, а потоа и набрзина поведе со 5-1 во вториот сет. Фриц возврати еден брејк, но немаше сили за целосен камбек бидејќи Шпанецот се врати во ритам кога беше најважно, запечатувајќи ја заслужената победа.
Шпанскиот тенисер покрај паричната премија со овој триумф си обезбеди и дополнителен бонус од еден милион долари, за тенисер со најмногу освоени бодови на АТП-500 турнирите во една календарска година. Алкараз веќе има 3.410 бодови на овие турнири, 1.450 повеќе од Дрејпер кој згора на тоа е повреден, па јасно е дека овој бонус ќе заврши на сметката на извонредниот шпански тенисер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

