Карлос Алкараз наиде на првиот посериозен противник на Вимблдон, но првиот носител успеа да одговори на предизвикот и триумфираше со 3-1 во сетови над Николас Џари.
Шпанецот го доби првиот сет со 6-3, но Џари докажа дека е сериозен ривал славејќи во тајбрејк во вториот. Алкараз одговори со ново водство од 2-1 во сетови, а Џари шансата ја пропушти во четвртиот сет, кога стигна до брејк и предност од 0-3, резултат при кој не реализираше две брејк шанси за 0-4. Алкараз успеа да се врати, а потоа и со нов брејк да триумфира со 7-5 за пласман во следната рунда, каде ќе се сретне со подобриот од мечот Зверев – Беретини.
Рускиот тенисер Данил Медведев само вторпат во кариерата стигна во осминафиналето на Вимблдон откако го доби дуелот против Фукович со 3-1 во сетови. Унгарскиот тенисер беше подобар во првиот сет добивајќи го со 4-6, но Медведев во вистински момент се разбуди и ги доби следните три сета со 6-3, 6-4, 6-4. Негов следен противник ќе биде Лехецка од Чешка, кој славеше во маратонскиот дуел против Американецот Пол со 3-2 во сетови.
Петра Квитова триумфираше со 2-0 во дуелот со Стевановиќ, ставајќи крај на вимблдонската бајка на српската тенисерка. Стевановиќ во вториот сет се врати и поведе со 4-5, но дуелот беше прекинат поради дожд, а Квитова по паузата се консолидираше, го доби сетот со 7-5 и се пласираше во следната рунда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

