Алкараз мина уште една пречка, крај на Австралија Опен за Наоми Осака

Карлос Алкараз го продолжува патот кон трофејот на Австралија Опен откако умешно мина уште една пречка, славејќи со 3-1 во пресметката со Португалецот Боргес. Шпанскиот тенисер делуваше сигурно на теренот и ги доби првите два сета со 6-2 и 6-4, но Боргес изненади откако славеше во третиот, и тоа во тајбрејк. Тоа не го исфрли од ритам Алкараз, кој лесно стигна до два брејка во наредниот сет, славејќи со 6-2 за конечен триумф и пласман во осминафиналето, каде го очекува подобриот од дуелот Дрејпер – Вукиќ.

Пласман во следната рунда обезбеди и Александер Зверев, со максимални 3-0 над Британецот Фирнли, како и Американецот Томи Пол кој славеше со 3-0 над Шпанецот Баења.

Наоми Осака неславно го заврши настапот на ова издание на Австралија Опен откако јапонската тенисерка го предаде мечот со Бенчиќ. Осака побара тајмаут пред крајот на првиот сет, потоа го загуби тајбрејкот, за на крајот да одлучи да не ризикува повредата да се влоши и го предаде мечот.

Дона Векиќ во драматичен дуел триумфираше со 2-1 над Шнаидер, а победничката серија ја продолжи и првата носителка Сабаленка, со победата од 7-6, 6-4 над Таусон од Данска.

Се вчитува...