Алкараз на колена, Зверев е во полуфиналето на Австралија Опен

Александар Зверев го одигра својот најдобар меч во последните неколку години, откако Германецот го совлада Карлос Алкараз (3-1 во сетови) во денешното четвртфинале на Австралија Опен, обезбедувајќи си место меѓу најдобрите четири во првиот овогодишен гранслем турнир. Алкараз допатува во Мелбурн полн со оптимизам најавувајќи дека ќе го запре налетот на Новак Ѓоковиќ, но вториот светски рекет воопшто не дочека дуел со Србинот откако вечерва беше заслужено поразен од Зверев.

Од самиот почеток стана јасно дека Зверев со одличните сервиси ќе му создава големи проблеми на шпанскиот тенисер, кој во првиот сет беше тотално надвор од ритам. Германецот го искористи тоа за импресивно издание и триумф од 6-1, како најава за големото изненадување. Алкараз беше нешто подобар во вториот сет, а вториот носител сигурно ќе жали за неискористената брејк шанса при водство од 2-3 во гејмови. Зверев израмни на 3-3, а потоа освои уште три гејма во низа (два на сервис на Алкараз) и поведе со 2-0 во сетови (6-3).

Се чинеше дека се е готово кога Зверев направи брејк кон средината на третиот сет, одржувајќи ја предноста се до 5-3. И кога Германецот требаше на свој сервис да ја запечати победата, Алкараз успеа да воскресне, стигна до брејк и намали на 5-4, веднаш потоа и да израмни на 5-5. Во тајбрејкот Зверев отвори со водство од 2-0, но следеа седум поени во низа за шпанскиот ас, кој ја презеде контролата и го доби сетот со 2-7.

Четвртиот сет почна со брејк на Зверев, но Алкараз експресно возврати со иста мера и израмни на 1-1. Сетот беше израмнет до 4-4, кога Шпанецот направи неколку грешки, а Зверев знаеше како да го искористи тоа и да стигне до нов брејк. За разлика од претходниот сет, овојпт Зверев беше доволно мирен, Алкараз направи неизнудена грешка при 30-30, по што Зверев со сигурен сервис стави печат на заслужената победа.

Негов следен противник ќе биде Данил Медведев, додека во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Ѓоковиќ и Синер.

Се вчитува...