Алкараз: Продолжувам да учам од Ѓоковиќ, паднав под притисокот што играв за мојата земја

Карлос Алкараз влезе со улога на благ фаворит во денешното финале против Новак Ѓоковиќ, пред се поради лесната победа во финалето на Вимблдон, но шпанскиот тенисер денеска на дело ја виде големината на најдобриот на сите времиња, откако Србинот одигра фантастично финале за да стигне до првото олимписко злато во кариерата.

„Новак цело време говореше за таа желба да стигне до златото, сега кога се решаваше мечот, на дело ја видовме таа решителност. Таа негова глад за медал беше најочигледна во клучните моменти, што е навистина импресивно. Играв на навистина високо ниво, жалам што и тоа не беше доволно. Веќе имам кажано дека учам од поразите од Ѓоковиќ, тоа ќе биде случај и овојпат, ќе извлечам поука од овој меч“, изјави Алкараз.

Младиот Шпанец не крие дека чувствувал огромен притисок од јавноста во татковината во пресрет на ова финале.

„Играв финалиња на гранслем турнирите, освојував трофеи, но денеска паднав под притисокот да играм за својата земја, за својот народ. Чувството беше поинакво, самото тоа што знаете дека ваква шанса се добива еднаш на секои четири години создава дополнителен притисок. Среброто го посветувам на сите Шпанци, на моето семејство, на сите луѓе кои ми даваат поддршка откако почнав со играње тенис“, порача Карлос Алкараз.

Се вчитува...