Карлос Алкараз се пласираше во своето прво финале на Австралија Опен по маратонот против Александар Зверев.
Шпанецот славеше по пет сета, се мачеше со повреда и грчеви, во еден момент дури и повраќаше…
Но, тој го надмина сето тоа и успеа да стигне до финалето.
„Вера. Верував цело време. Мора да веруваш во себе и во своите способности, дури и кога си во неволја. Се мачев во текот на третиот сет, но се извлеков. Ова е физички еден од најтешките натпревари што сум ги играл. Буквално се борев за секоја топка на теренот. Зверев беше одличен, но јас најдов начин да победам“ – рече по мечот Алкараз.
Куриер, кој разговараше со Алкараз по натпреварот, изјави дека Шпанецот има можност да стане најмладиот играч што ги освоил сите четири Грендслем титули.
„Ми поставувате многу тешки прашања. Многу сум среќен што сум тука со можност да го играм моето прво финале. Помина толку долго, моето ниво на тенис сега е покачено. Сега сакам да уживам во оваа победа. Има време да размислувам за финалето.“
Карлос им се заблагодари на публиката на крајот.
„За мене, ова е еден вид притисок, но публиката секогаш ме турка до крај. Не само во овој натпревар, едвај чекам повторно да се сретнам со вас и се надевам дека ќе бидам најдобар во финалето“, заклучи Алкараз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

