Алкараз се враќа, ќе игра на мастерс-турнирот во Синсинати

Карлос Алкараз е подготвен за камбек на тениските терени откако шпанскиот ас паузираше на турнирот во Торонто, но затоа ќе се појави на терените на престојниот Мастерс во Синсинати, кој воедно е и генерална проба во пресрет на УС Опен во Њујорк.

Шпанскиот тенисер веќе допатува во САД и го имаше првиот тренинг во Синсинати, каде спаринг-партнер му беше Данил Медведев. Тој брани само 10 бода откако лани беше елиминиран во раната фаза од овој турнир, а Алкараз планира токму со овој турнир да го почне ловот на Јаник Синар и на првото место на АТП-листата.

Тој има повеќе од 3.000 бода заостанување во однос на Синер, но Италијанецот брани многу бодови поради одличниот финиш на ланската сезона, а Алкараз ќе се обиде со серија добри игри во следните месеци да го симне големиот ривал од врвот.

Синер, кој исто така не настапи во Торонто, ќе игра во Синсинати каде ќе брани 1.000 бода по ланската титула, по што Италијанецот ќе брани 2.000 бода на УС Опен.

Се вчитува...