Алкараз скромен: Не сум ниту блиску до Ѓоковиќ, Федерер и Надал

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз вели дека ќе мора да направи многу повеќе за да биде на исто ниво со великаните на „белиот спорт“.

Алкараз, и покрај тоа што има само 22 години, во кариерата освои досега шест грендслем трофеи, вкупно 24 АТП титули.

Многумина веќе го споредуваат со членовите на „големата тројка“, но момчето од Мурсија останува приземјено.

„Не, сè уште не сум ни блиску. Има неверојатни играчи, легенди. На врвот на листата се Роџер Федерер, Рафа Надал и Новак Ѓоковиќ. Би сакал да бидеме на иста маса, тоа е вистина, тоа е мотивацијата што ја имам и тоа ми помага во кариерата, но сè уште не сум ни блиску“, изјави Алкараз за „Мундо Депортиво“.

Алкараз моментално е во Торино каде ја напаѓа титулата на Завршниот Мастерс турнир, а потоа ја завршува сезоната во Болоња, во Дејвис купот.

Првата цел во следната сезона е Отвореното првенство на Австралија, единствениот грендслем што му недостасува.

„Отвореното првенство на Австралија е секогаш целта кога се подготвувам во предсезоната. Би дал сè за да го освојам“, истакнува Карлитос.

Се вчитува...