Матијас Алмеида своевремено важеше за исклучително темпераментен фудбалер, а Аргентинецот продолжува во ист стил и како тренер.
Тој седи на клупата на Севилја, а се најде во фокусот на јавноста по црвениот картон на дуелот со Алавес, по што аргентинскиот стручњак ја заработи најжестоката казна во историјата на шпанската Ла Лига.
Имено, дисциплинската комисија денеска објави дека Алмеида нема да смее да го води својот тим на следните СЕДУМ меча во Примера дивизион, како казна за неговото однесување на споменатиот натпревар.
Аргентинецот е казнет со три меча за црвениот картон и навредите кон судиите, дополнителни три натпревари му се изречени бидејќи повеќе од една минута одбивал да го напушти теренот внесувајќи му се в лице на главниот судија, а седмиот меч од казната ќе мора да го одлежи поради шутирање на шише со вода пред да се упати кон соблекувалните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

