Фернандо Алонсо и на 42-годишна возраст се покажува во одлично светло во Формула 1 шампионатот како член на Астон Мартин, а шпанскиот ветеран воопшто не размислува за пензионирање.
„Вртелешката“ на возачи за 2025 почна со „бомбастичниот трансфер“ на Луис Хамилтон во Ферари, се очекува уште неколку возачи да се изротираат за наредната сезона, а еден од нив многу лесно би можел да биде токму Алонсо, за чии услуги сериозен интерес покажува Ред Бул.
Тимскиот шеф Кристијан Хорнер подолго време има високо мислење за Алонсо, а идејата е тој да биде доведен како тимски партнер на светскиот шампион Макс Ферстапен за наредната сезона. Искуството на Алонсо би било драгоцено за Ферстапен уште повеќе да напредува, додека самиот Шпанец би имал можност пред крајот на кариерата да забележи уште некоја победа во болидот на најдоминантната екипа во формула 1.
„Уште немам донесено одлука за наредната сезона, ќе почекам уште неколку трки за да видам како се чувствувам. Сепак, свесен сум за мојата ситуација, возраста од една страна, но од друга страна јас сум само еден од тројцата активни светски шампони во Формула 1. И како што стојат работите ќе бидам единствениот достапен за трансфер, што е многу интересно“, ги подгреа Алонсо шпекулациите за трансфер во Ред Бул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА