Алонсо: Многу ми се допадна начинот на кој победивме, ова е триумф на колективот

Ракометарите на Е. Пелистер дојдоа до значајна победа од 25-24 против Динамо Букурешт во 12. коло од Лигата на шампионите, останувајќи и натаму во игра за пласман во нокаут-фазата од најквалитетното европско клупско натпреварување.

Тренерот Раул Алонсо, сосема очекувано, не можеше да го сокрие задоволството од синоќешната победа, потенцирајќи го колективот како најважен за овој успех.

„Им честитам на играчите за фанастичниот натпревар. Игравме против тим кој исто така силно ја посакуваше победата, и затоа навистина ми се допадна како ние победивме и како тоа го направивме за да славиме во оваа голема борба“ – истакна Алонсо, притоа дополнувајќи:

„Знаевме дека не чека тежок меч, но останавме обединети до крајот, и заслужено ги освоивме бодовите. Во првото полувреме тргнавме добро, а потоа Динамо покажа квалитет и се врати во мечот по нашите промашувања, но во вториот дел покажавме карактер. Убаво е да се види како сила е во тимот во кој секој играч е важен – играчи кои играат 60 минути, играчи кои играат едно полувреме, десет минути или не играат. Многу сум среќен затоа што успеавме да победиме пред нашата публика“.

Во последните две кола „пелистерци“ ги чека гостување против Фуксе Берлин во Германија а потоа и дуел со француски ПСЖ во Битола.

Се вчитува...