Алонсо: Мора да одиграме на највисоко ниво во Берлин, ќе биде тешко но подготвени сме

По двете домашни победи, ракометарите на Е. Пелистер сега ги очекува гостувањето во Берлин од ЕХФ Лигата на шампиони.

Пред заминувањето за Германија и утрешниот натпревар (20:45 ч.) против Фуксе Берлин тренерот Раул Алонсо ги изнесе своите очекувања од пресметката која за македонскиот шампион ќе значи и можност за останување во битката за шестата позиција на табелата и продолжување на европските настапи.

„Февруари е брутален, но така е за сите екипи. Фуксе Берлин го има истиот проблем со заморот како и ние. Тие пред неколку дена играа со Фленсбург во Бунделсигата. Навистина играат добро. Сепак, навикнати сме, малку имаме време да уживаме по одличниот домашен натпревар вчера и среќен сум што напорната работа се исплатува. Секој трет ден играме натпревар, сега патуваме за Германија, ни следи натпревар со врвна екипа и светска класа на ракометари. Наша цел ни е да одиграме на највисоко ниво во Берлин. Завршивме одлична работа во последните неколку месеци, освоивме многу бодови и достигнавме ниво да се натпреваруваме на високо ниво на домашен терен и сега предизвик е да се покажеме така добро во гости. Има полесни натпревари од овој во Берлин, но кога играте во Лигата на шампионите секој натпревар е тежок“ – вели Алонсо, притоа дополнувајќи:

„Го познавам Фуксе Берлин многу добро. Скоро дваесет години го градат овој проект на паметен начин. Секогаш имале врвна екипа, пред неколку години играат Ф4 на Лигата на шампионите и сега се во момент кога се борат за трофеите во Германија и целат кон учество на завршниот турнир во Европа. Потпишаа некои врвни ракометари, го имаат најдобриот светски ракометар, го продолжија договорот со него и не е коинциденција што се толку добро. Во состојба се да се натпреваруваат за сите трофеи. Ќе биде тешко да се игра против нив, но треба да се концентрираме на нашата игра и да одиграме на ниво“.

Се вчитува...