Ракометарите на Пелистер стигнаа до голема победа во борбата за осминафинале во Лигата на шампионите, откако вечерва на домашен терен славеа против полската Висла Плоцк со 21-18.
Тренерот на пелистерци, Раул Алонсо по крајот на натпреварот даде свое мислење за мечот.
„Каква ноќ, мислам дека сите уживаа. Денеска ја имав најлесната работа, моите играчи беа на врвно ниво. Горд сум за ефикасноста и како одигравме во текот на целиот меч, особено во дефанзива. Заслужено победивме. Имавме проблеми, но успеавме да го задржиме нивото во клучни моменти бевме сконцентрирани против квалитетен ривал. Најголем респект за играчите. Среќен сум бидејќи она што го гледав на тренинзите, го покажавме вечерва. Одигравме на многу високо ниво, пред нас има уште натпревари до паузата. Ова сепак, е среќна вечер за нас. Уживав и во одличната публика, ова е тоа што ни е потребно, поддршка која оваа магична сала може да ја пружи“, изјави Алонсо.
Свое мислење за целиот меч даде и бекот Домен Тајник…
„Одлично се подготвивме за овој натпревар, добро трениравме и задачите беа прецизни. Мислам дека добро работевме во два правци, одбраната беше клучен фактор, а и Никуч на голот. Знаеме каква екипа е Висла, топ екипа во Европа и навистина добра работа завршивме. Има уште многу грешки кои може да се поправат, а веќе на следната средба да грешиме помалку. Пред полна сала во најтешките моменти наоѓавме сила и дополнителен мотив за да победиме. Од стартот до крајот имавме се под контрола, па на крајот се радувавме на победата. Сега сме шестопласирани во групата, а притисокот ќе биде уште поголем. Секој следен меч е уште поважен, се надевам на уште некој бод во ЛШ“, изјави Тајник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА