Чаби Алонсо веќе на првиот ден како шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид се обидува да наметне авторитет. Младиот стратег јасно стави до знаење дека не е задоволен од играчкиот кадар што го има на располагање, па посакува што поскоро да види уште неколку нови играчи во тимот откако веќе се договорени трансферите на Трент Александер Арнолд од Ливерпул и на младиот дефанзивец Хујсен од Борнмут.
Воедно, Алонсо на претседателот Флорентино Перез му ја доставил и листата на играчи на кои нема да смета во новата сезона и кои ќе можат да си заминат од „Сантијаго Бернабеу“.
Младиот 22-годишен Алваро Карерас од Бенфика би требало да биде нов лев бек на Реал, преговорите се во завршна фаза, а Алонсо поради тоа веќе ставил до знаење дека не смета на Менди, кој поради бројните проблеми со повреди беше далеку од посакуваната форма. Доколку пристигне интересна понуда, може да си замине и Фран Гарсија. Давид Алаба е фудбалер што Алонсо воопшто не го гледа во своите тактички замисли, па 32-годишниот Австриец ќе има можност да си замине без никаква отштета, иако има уште една година од договорот со Реал.
Лука Модриќ по завршувањето на клупскиот мундијал си оди од Мадрид, а неизвесна е иднината и на Чуамени, кој исто така е достапен за трансфер откако не ги оправда вложените 80 милиони евра по доаѓањето од Монако. Французинот во случај да не биде добиена интересна понуда би останал во Реал, но Алонсо ќе инсистира на доаѓање на нов врвен фудбалер како последен играч за врска.
Родриго не беше најзадоволен од ротациите на Анчелоти, а крилниот офанзивец ќе нема загарантиран статус ниту кај Алонсо. Затоа, ако се добие понуда од 100 милиони евра колку што Реал го цени Бразилецот, тој летово ќе си ги спакува куферите и ќе замине. Флоријан Вирц ќе остане неостварена желба на Чаби во Реал, но младиот стручњак ќе инсистира на уште еден врвен напаѓач во тимот, иако веќе најавил дека планира и да му даде позначајна минутажа на Арда Гулер, кој најчесто беше резерва кај Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

