Возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо, очекува проблеми со болидот и претстојната трка за ГН на Азербејџан што ќе се вози в недела на патеката во Баку. На претходната трка во Канада, шпанскиот возач не ја заврши трката поради веќе хроничниот проблем со моторот на Хонда, а како што најави, не очекува мирен викенд ни во Баку.
„Во Канада бевме блиску до освојуавње на првите бодови, но испаднавме. Сега во Баку тргнуваме со уште поголема решителност, но не е тајна дека очекуваме уште еден тежок викенд. Поради проблемите со моторот, најверојатно ќе трпиме казни, а и патеката е многу остра, со брзи правци и тесни свиоци што значи дека престигнувањето и без технички проблеми, ќе биде тешко. Но, тешко не значи невозможно и ние нема да престанеме да се бориме“ – вели Фернандо Алонсо.
Шпанецот ја издвојува трката во Баку како една од највозбудливите за возачите поради специфичноста на патеката.
„Патеката во Баку е најбрзата улична патека во календарот на Ф1. Од гледна точка на возачите, таа е многу возбудлива за возење затоа што поминуваш со голема брзина покрај високи ѕидови. Тоа е една од најкритичните точки за нас и затоа е важно уште на тренингот во петок да добиеме точни насоки за да можеме во квалификациите да се избориме за подобра позиција“ – истакнува Алонсо.
Трката за ГН на Азербејџан на 25 јуни е осма трка во календарот на Формула 1 оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА