Фернандо Алонсо ќе ја вози својата последна трка во Формула 1 шампионатот во Абу Даби наредниот викенд, откако шпанскиот возач изненади многумина со одлуката не само да си замине од Мекларен, туку и целосно да го напушти „летечкиот циркус“. Поранешниот светски првак сепак верува дека ја донел вистинската одлука бидејќи според Алонсо, Формула 1 не се развива во посакуваниот правец.
„Она што сега се случува во Формула 1 не е она поради што јас како дете посакав да бидам тркач. Многумина беа изненадени, но јас си заминав од Ф1 бидејќи тоа веќе не е шоу какво што беше порано. Сега многу повеќе се зборува за работи што немаат врска со тркање, за тимски наредби и радио пораки, наместо за она што се суштината – претркување и победување. Го нема веќе оној жар на патеката, ниту пак неизвесност, можам пред секоја трка да ви ги прогнозирам првите 15 возачи и нема да промашам повеќе од тројца. Имав можност да се тркам во други натпреварувања кои нудат поголема возбуда, затоа и решив да си заминам од Формула 1“ – истакна Алонсо.
Шпанецот во својата кариера има 32 победи и 97 подиуми, стигнувајќи и до две титули светски првак во 2005 и во 2006 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА