Ракометарите на Е. Пелистер продолжуваат со обврските во Лигата на Шампионите, а на првиот меч во 2025 година ги очекува незгодно гостување против тимот на Спортинг Лисабон.
Португалскиот првак игра квалитетен ракомет, дел од членовите на Спортинг се враќаат по СП 2025 каде остварија историски успех со освоеното четврто место, па токму затоа тренерот на „пелистерци“, Раул Алонсо, оправдано му ја препушта фаворитската улога на противникот.
„Спортинг е одличен тим, тие веќе две-три години работат проект и сите видоа што можат да направат. Први се во лигата, а во Лигата на шампионите котираат исто така добро. Многу играчи настапуваа за Португалија на СП, очекувам тим со огормна самодоверба. Исто така, очекувам и сала која ќе биде нивна поддршка. Ќе биде голем предизвик за нас да одиграме добро во Лисабон. Така е во Лигата на шампионите, тоа е нормално. Мора да го одиграме нашиот ракомет и да бидеме солидни во транзиција. Треба да преземеме контрола врз темпото, мислам дека тоа ќе биде клучно за да им парираме. Мислам дека тоа е нивната игра, со брз ракомет даваат многу голови. Не знам дали ќе можеме да се одржиме на тој ритам, ама тоа ни е целта. Треба да се смириме, да не брзаме премногу и да бидеме добри во одбрана. Во напад работевме доста посветени на тој тип на игра“, истакна Алонсо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

