Алонсо: Знам колку битолчани го сакаа овој трофеј, сите сме разочарани

Раул Алонсо не го криеше разочарувањето откако неговиот Е. Пелистер остана без куп-трофејот, во финалето заслужено губејќи од вечниот ривал Вардар.

Битолчани се надеваа дека токму денеска ќе биде прекинат постот од 20 години без куп-трофеј, но избраниците на Алонсо одиграа под своите можности, немаа одговор за противникот и заслужено претрпеа пораз.

„Пред се честитки на Вардар за заслужената победа во ова финале. Секако дека сме многу разочарани бидејќи сакавме да покажеме поинакво лице. Како да ја насочивме енергијата на погрешно место, лошо почнавме… имав чувство дека можеме да се вратиме, но не успеавме да им се приближиме, да стигнеме резултатски. Мораме да го прифатиме овој пораз, знам дека не е лесно ни за нас ни за навивачите, знам колку го сакаа овој трофеј, но сега мораме да се фокусираме на првенството, каде не очекуваат две тешки средби. Проблем повеќе ни се повредите на клучните дефанзивци кои играат во срцето на нашата зона, останува да видиме каква е нивната состојба“, истакна стратегот на Е. Пелистер.

За спас на сезоната битолчани ќе мора да ја одбранат титулата во домашното првенство, но тоа нема да биде нималку лесно бидејќи ќе мора да одат на победа на преостанатите две средби во Скопје, против Алкалоид и Вардар.

„За два-три дена треба да играме со силен ривал како Алкалоид, фокусирани сме на овој меч, а потоа ќе размислуваме за последното дерби со Вардар“, прокоментира шпанскиот стручњак на клупата на „зелено-белите“.

Се вчитува...