Стевче Алушовски е изборот на раководството на Еурофарм Работник за нов тренер на оваа екипа по разделбата од Ѓорѓе Чирковиќ. Раководството на „фармацевтите“ експресно ја финишираше потрагата по нов стратег, избирајќи го Алушовски за предводник на екипата до крајот на сезонава. Информацијата беше објавена од страна на управата на битолскиот суперлигаш на официјалната инстаграм-страница на Работник.
Целта е јасна, најпрвин да се обиде да стигне до првата победа во ЕХФ Купот, а потоа и да се избори за второто место во плејофот во домашното првенство, со што би обезбедил влез во СЕХА-лигата за наредната сезона.
За Алушовски ова ќе биде враќање во Битола откако успешно го водеше Пелистер во првиот дел од ланската сезона, за потоа неочекувано да биде сменет од функцијата. Поранешниот македонски репрезентативец ќе дебитира на клупата на Работник на саботното гостување во Хрватска против Нексе во рамките од третото коло од ЕХФ Купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА