Она што ЕКИПА пред неколку дена го најави, денеска се реализираше – Стевче Алушовски се врати како тренер во Пелистер, тимот во кој легендата на мак-ракометот ја почна својата одлична кариера и со кој освои четири титули во македонското првенство. Алушовски доаѓа на клупата на „пелистерци“ на местото на Касим Каменица, кој си замина по слабите игри на стартот од плејофот.
„Можам да кажам дека за мене е чест што повторно ќе бидам дел од Пелистер, клубот кој е еден од двата најголеми ракометни колективи во нашата држава. Јас сум дете на Пелистер, дел од најубавите години во мојата кариера ги минав во овој клуб и искрено посакувам да бидам подеднакво успешен како тренер колку што бев како играч со битолската екипа“ – истакнува Алушовски за ЕКИПА.
Пред младиот стручњак е огромен предизвик, но тој ќе се обиде да ги оправда очекувањата веќе сезонава, со обидот да обезбеди излез во европските купови со „пелистерци“.
„Договорот е потпишан до крајот на оваа и за текот на следната сезона. Моментот е незгоден поради бројните порази во плејофот, но можам да најавам дека нема да се откажеме и ќе сториме се, доколку има шанси да стигнеме до тоа четврто место и да се пласираме во европските натпреварувања. Тоа е краткорочната цел, а онаа долгорочната е моја огромна желба – да го вратиме Пелистер на врвот на македонскиот ракомет“ – со оптимизам гледа кон иднината Стевче Алушовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА