Алушовски: Кога Пелистер ќе те повика, без размислување го прифаќате предизвикот

Стевче Алушовски ја прифати понудата да го предводи Е. Пелистер во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона во која целта е покрај атак на трофеите на домашната сцена, да се стигне и до следната рунда од Лигата на Шампионите.

За такво нешто неопходно ќе биде да се стартува со победа во 2026, на дуелот на домашен терен против Висла Плоцк што е од исклучително значење за битолчани.

„Чест и задоволство ми е што пак сум тренер на матичниот клуб Пелистер. Кога овој клуб ве повикува, нема размислување, веднаш го прифаќате предизвикот, а тоа значи домашно првенство и Лига на шампиони. Првиот меч против Висла ќе биде исклучително тежок. Ова е екипа која играше извонредно и е третопласирана во групата. Игра цврст ракомет, со добра одбрана и одлична транзиција. Моите очекувања се со техничка дисциплина и тимски дух, сплотеност и заедништво да извојуваме позитивен резултат. Се надевам на извонредна атмосфера, па со помош на нашите навивачи да дојдеме до успех“, вели Алушовски.

Отсуството на репрезентативците за време на ЕП 2026 беше главен проблем за новиот тренер, но Алушовски верува дека бeз оглед на се Пелистер ќе се прикаже во добро светло и ќе стигне до посакуваниот резултт

„Во периодот зад нас имавме мали кадровски проблеми. Пред се мислам на репрезентативците кои долго беа отсутни. По нивното враќање имавме мали проблеми со повреди. Павле Атанасијевиќ беше повреден, а Словенците доцнеа повеќе од другите. Имавме доволно време за подготовка, оваа екипа тренирала заедно шест месеци пред моето доаѓање. Не изменивме многу, туку само додадовме некои елементи за да се подобриме, пред се за натпреварот со Висла. Низ една позитивна и добра работна атмосфера сакаме да се покажеме во добро светло прво против полскиот ривал, а потоа и во домашното првенство. Сакам да ги повикам навивачите да дојдат да не бодрат, а нашиот тим ќе возврати со добра и пожртвувана игра“, изјави новиот тренер на „пелистерци“.

Се вчитува...