Новиот Вардар предводен од поранешниот македонски репрезентативец кој неколку години плива во тренерските води, Стевче Алушовски претстојнава сезона по неколкугодишна пауза ќе има здрава конкуренција и на домашен терен. Еурофарм Пелистер, но и Металург направија тимови кои вистински можат да ги загрозат позициите на Вардар кој беше комотен во последните неколку шампионати.
„Среќен сум што во Македонија ќе има три квалитетни екипи, квалитетот и на Металург и на Еурофарм Пелистер е на повисоко ниво, но ние не се плашиме од никого, за нас домашото првенство почнува во март, добро е што се три екипи со еднаков квалитет, но ние секако ќе одиме на двете титули“ – вели Алушовски кој има големо играчко искуство во домашниот шампионат.
Националното првенство за Вардар сепак доаѓа многу подоцна од меѓународните предизвици. „Црвено-црните“ имаа незавршена работа од претходната сезона па според планот на СЕХА лигата на 29. август трба да го одиграат реваншот со Нексе од четвртфиналето, а потоа и во првиот викенд од септември и Ф4 турнирот во регионалното натпреварување во Задар. Фиксен засега е стартот на Лигата на шампионите, за Вардар првиот меч е на 17. септември против Мешков Брест.
„Екипата не е на нивото од претходните години, но не е екипа за потенцување, клучно ни беше да имаме здрава конкуренција на секоја позиција, имаме и звучни имиња како Марко Вујин кој се враќа по тешка здравствена состојба, но е голем играч, големиот број на играчи, а пред се двата средни бека кои допрва треба да се адптираат во играта е тешко да се постигне за овие два месеци кои ги имаме, но тоа се слатки маки, многу потешко е тоа што не опкружува, не може долгорочно да се планира, можете да правите планови само за една недела“ – објаснува стратегот на Вардар.
Ракометарите на Вардар в понеделник одат на комплетни медицински прегледи кои се неопходни со оглед на четиримесечната пауза која ја имаа. Подготовките според планот ќе бидат комплетно во Скопје во објектите и на терените околу СЦ „Јане Сандански“. Како дел од подготовките за новата сезона, Вардар ќе учествува на традиционалниот турнир во Струга, а предвидено е и учество на турнир во Кањижа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА