Ракометарите на Охрид ги стартуваа подготовките за новата сезона предводени од новиот тренер Стевче Алушовски, кој по Еурофарм Пелистер и Вардар ќе седне на клупата на уште еден амбициозен македонски проект.
Легендарниот македонски репрезентативец не го крие задоволството што е дел од ГРК Охрид, свесен за високите амбиции што се поставени пред овој клуб.
„ГРК Охрид е една од најперспективните екипи во Македонија и ми претставува чест што ќе водам еден ваков амбициозен проект. Тоа е клуб со добра организација кој се стреми да прерасне во сериозен конкурент против секого во македонското првенство и постојан учесник во европските купови, изјави Алушовски.
Според планот на подготовки, екипата до 9 август ќе тренира во Охрид по што ќе следи контролен меч со Еурофарм Пелистер во Битола. На 10 август ГРК Охрид оди на базични подготовки во Маврово каде ќе остане до 18 август. Таму ќе одигра еден натпревар со Вардар. По враќањето во Охрид екипата ќе настапи на вториот меморијален турнир „Крсте Андоновски – Усташ“.
„Тоа ќе биде вистинска проверка на нашите можности кои сметам дека се големи. Имаме високи цели за оваа сезона, а тоа е пласман во Европа, но нормално е да се обидеме да направиме и нешто повеќе“, рече Алушовски.
Стратегот на Охрид смета дека македонското првенство е исклучително квалитетно, но сепак е оптимист дека неговиот тим ќе игра забележителна улога во Супер лигата.
„Имаме условно полесна група во првиот дел од првенството и ќе се обидеме да сме најмалку втори и да пренесеме што е можно повеќе бодови во плеј-офот, а таму ќе се води мртва трка“, додава новиот тренер на охриѓани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА