Алушовски: Работиме да го запреме главното оружје на ГОГ

Шансите за пласман во нокаут рундите од Лигата на Шампионите се загубени, но ракометарите на Е. Пелистер се решени максимално професионално да ја доиграат групната фаза од елитното европско натпрварување.

„Зелено-белите“ ги очекува гостување во Данска против ГОГ Гудме, екипа што неочекувано ги совлада во Битола, па „пелистерци“ се желни за реванш на претстојниот меч во Скандинавија.

Тренерот Стевче Алушовски е свесен од каде доаѓа најголемата опасност, играта „седум на шест“ што кај противникот функционира беспрекорно и за која Пелистер мора да најде одговор ако сака да стигне до позитивен резултат.

„Го анализиравме ГОГ Гудме, претрпевме пораз во Битола од нив, но тоа не значи дека ќе биде исто и на реваншот во Данска.  Нивни најголем адут е играта „седум на шест“ и играат добро со двата пивотмени. Треба добро да се подготвиме. За играта „шест на шест“ ќе се подготвиме, но главен проблем ќе биде таа игра „седум на шест“, како и во Битола. Ставаме акцент на тој сегмент, а ќе промениме и некои детали во нападот. Но, не ја гледаме шансата да го добиеме натпреварот преку играта во напад, туку благодарение на одбраната. Секогаш наша основна цел е играта во одбрана. Ако ја сопреме нивната игра „седум на шест“, имаме шанси да се вратиме со позитивен резултат“, истакнува тренерот на „пелистерци“.

Дуелот меѓу ГОГ Гудме и Пелистер на програмата е утре со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...