Алушовски: Тажен сум за поразот, но среќен сум што гледам дека Вардар оди во посакувана насока

Стратегот на Вардар, Стевче Алушовски искажа разочараност од поразот од ПИК Сегед, но го потенцираше задоволството што гледа како неговиот тим расте во сезоната низ посакуваниот тек.

Вардар беше блиску и до победата, но деконцетрацијата во одредени моменти во финишот, пресуди.

„Честитам на ПИК Сегед за победата, за нив важни бодови. Беа важни и за нас бодови, но ете нијанси го одлучија победникот на крајот од натпреварот. Може да кажам дека сум тажен за поразот, но во исто време сум среќен што Вардар оди во посакуваната насока. Некои несреќни моменти и нереализирани пенали пресудија на крајот за победникот. Но, мислам дека го одигравме и најдобриот меч сезонава. Игравме против силен противник кој се бори секоја година за Ф4, па начинот на кој париравме ни покажува дека низ секој следен натпревар сме тим како секој навивач посакува да гледа“ – истакна Алушовски.

Слично е размислувањето и на Гоце Георгиевски кој потенцира дека Вардар одиграл позитивен натпревар кој можел резултатски и поинаку да заврши.

„Честитам на унгарскиот тим, но мислам дека одигравме добар натпревар кој можеше да заврши со поинаков резултат. Деконцентрацијата во финишот не чинеше пораз“ – истакна Георгиевски.

Се вчитува...