Стевче Алушовски со право е задоволен по завршувањето на сезоната во ракометниот шампионат, откако предводникот на Охрид успеа да го одведе овој тим до четвртото место на табелата.
Охриѓани играа одличен ракомет во текот на целата сезона, а во последното коло славеа над екипата на Тиквеш, во меч што немаше преголемо натпреварувачко значење.
„Последниот натпревар од сезоната секогаш е тежок. Навистина, немаше резултатско значење, но Тиквеш беше наш главен ривал за излез во Европа во текот на сезоната и сакавме со победа над овој противник да го завршиме домашниот шампионатот. Не беше лесно, ова беше тешка битка со многу пресврти, многу грешки пред се од наша страна, но јас им честитам на момците, ова е крај на сезона, сите со главите беа во своите домови, ги чека еден подолг одмор, така што сакам да им честитам за победата над Тиквеш, но и за сето она што го направивме заедно во текот на сезоната“, изјави Алушовски.
Тој се осврна на штотуку завршената сезона, која ја оцени како успешна за охриѓани поради остварувањето на зацртаната цел и обезбедниот излез во ракометна Европа.
„Ова беше една долга сезона, со нов тренер, нов систем и голем број на нови играчи во тимот на Охрид. Сепак, јас како тренер и сите останати треба да биде задоволни, пред се мислам на нашето раководство и на градоначалникот на Охрид кој е наш најголем поддржувач. Она што го најавивме на почетокот од сезоната, дека Охрид ќе биде учесник во европските купови – тоа успеавме да го оствариме. Можеше подобро, но можеше и полошо, но ние сме задоволни од она што го остваривме. На пет кола до крајот бевме конкурентни дури и во борбата за шампионската титула, така што сме на добар пат да направиме една успешна приказна“, вели тренерот на Охрид.
Планот на подготовки за наредната сезона е веќе скроен, а ГРК Охрид и Алушовски не ги менуваат зацртаните амбиции.
„Сега претстои пауза, но тоа не значи дека момците целосно ќе одмораат, тие добија своја програма за тренинзи за летово. На 24 јули ќе ги почнеме подготовките за новата сезона, ќе дојдат нови имиња, ќе треба време да се вклопат во системот, но јас сум убеден дека со макотрпна работа и големо залагање Охрид пред се добро ќе го презентира македонскиот ракомет во Европа, а исто така ќе бидеме и конкурентни во домашното првенство. Нашата основна цел останува обезбедување на излез во Европа, не можеме да се бркаме со Вардар и со Пелистер кои имаат далеку поголем буџет, но тоа не значи дека на некого однапред ќе му се предадеме“, порачува Стевче Алушовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА