Алварез и Меси ја однесоа Аргентина во финале на Копа Америка

Репрезентацијата на Аргентина е првиот финалист на Копа Америка. Бранителот на титулата во ова натпреварување и актуелен светски првак ја совлада Канада со 2-0 на стадионот „Мет Лајф“ во Њу Џерси пред 80.102 гледачи.

Со тоа Меси и другарите добија можност да го бранат пехарот, а нивниот противник ќе биде подобриот од дуелот Уругвај – Колумбија кој се игра рано наутро во 2 часот.

Аргентина поведе во 22. минута кога Хулијан Алварез ја затресе мрежата на Канаѓаните по додавањето на Родриго де Пол. Така, Канада за првпат по десет натпревари прими гол во првото полувреме. Џонатан Дејвид го тестираше Емилијано Мартинез со удар од неколку метри кон крајот на првото полувреме, но Аргентина успеа да се одбрани.

По само шест минути игра во вториот дел, по вистинскиот карамбол пред канадскиот гол и ударот на Енцо Фернандез, Лионел Меси постигна гол за конечни 2:0. Тоа беше негов 109. гол за „гаучосите“, а ѕвездата на тимот сега има 28 гола на последните 25 натпревари за Аргентина.

Се вчитува...