Кошаркарите на Маџари стигнаа до првата историска победа во домашниот шампионат откако вечерва на домашен терен славеа над Тиквеш со 76-74 во 5. коло од Првата лига.
Натпреварот почна израмнето и двете екипи одиграа одлично во одбраната па по десет минути игра домаќинот имаше минимална предност од 16-15. Слично се одвиваше и втората четвртина во која Маџари повторно беше за нијанса подобар тим па на пауза меѓу двете полувремиња замина со предност од 40-37.
На стартот на третиот период домаќините на крилата на одличниот Алек Петковски кој постигна десет поени за пет минути успеаја да се одлепат во 27 минута на 60-53. Сепак, гостите одиграа добро до крајот на третиот период, па во последните десет минути се влезе со резултат 61-60.
Двата тима играа кош за кош па во последните две минути домаќините влегоа со предност од 74-72. Тиквеш израмни на 74-74, а на две и пол секунди до крајот Маџари имаше напад за победа. Домаќините одиграа одлична акција во која Хот излезе сам под кошот и ги постави конечните 76-74. Ивица Димчевски со 16 поени беше прво име кај победникот, додека кај поразените недоволни беа 22 поени на Стефан Глигоријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА






























