Американецот Антоан, ново име во Пелистер

Американецот Брајан Антоан е првото странско засилување на КК Пелистер за новата сезона откако овој 24-годишен бек потпиша договор со актуелниот вицешампион на Македонија.

Антоан е играч кој може да ги покрие позициите еден до три, а од кој дефинитивно ќе се очекуваат поени во тимот што во новата сезона ќе го предводи Александар Петровиќ. Станува збор за кошаркар од познатиот Универзитет Виланова, кој последните години ги мина настапувајќи за Рeдфорд.

Антоан летово беше повикан да тренира со Бруклин нетс во периодот пред драфтот, летово се реши да си замине од Редфорд и да се пресели во европската кошарка, каде од неколкуте понуди на маса ја прифати онаа на Пелистер.

Битолчани комплетираа уште еден трансфер, доведувајќи го во своите редови и Димитар Пандев. Крилниот центар се врати во мак-баскетот додека Петровиќ беше тренер на МЗТ, а сега двајцата повторно ќе соработуваат заедно во таборот на Пелистер. Пандев ја мина ланската сезона во дресот на Кожув, од каде потпиша едногодишен договор со „пелистерци“.

Само за потсетување, битолчани потпишаа договори со Бобан Стајиќ од Работнички и со Виктор Ташовски од ТФТ, а од ланскиот ростер во тимот остануваат и Александар Костоски и Лука Стојановски.

Се очекува во наредните десетина дена актуелниот вицешампион да комплетира уште неколку трансфери со што ќе биде заокружен ростерот за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...