Раководството на КК Пелистер успеа во намерата да доведе уште едно квалитетно засилување за тимот, овојпат за центарската позиција откако беше потпишан договор со Мајк Едвардс, објавија битолчани на официјалната веб-страница на клубот.
Станува збор за 27-годишен американски кошаркар висок 206 сантиметри кој треба да биде од огромна помош за тимот на тренерот Александар Петровиќ во борбата под обрачите. Едвардс има богато искуство од настапи ширум Европа, а последната сезона ја минал во грузискиот прволигаш Ткибули Орби. Таму Американецот важеше за лидер во тимот, со просек од 15,5 поени 6,8 скокови и 1,1 блокада по натпревар.
Едвардс настапуваше за Универзитетот Џорџија во НЦАА-лигата се до 2019 година, по што има играно во Канада, од каде доаѓа во европската кошарка и има настапувано за екипи од Азербејџан, Русија, Косово и Грузија, за летово да пристигне и во македонскиот шампионат како член на Пелистер.
Едвардс е уште едно во низата засилувања на Пелистер откако претходно беа ангажирани и Андрија Бојиќ, Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски, Петар Бошалески, Дамјан Крстевски, Димитар Пандев и американскиот бек Брајан Антоан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА