Екипата на Гостивар дополнително го засили своите редови откако денеска потпиша договор со американскиот кошаркар Тенк Ефианаји, кој ќе го носи дресот на македонскиот прволигаш до крајот на оваа сезона. Гостиварци беа во потрага по квалитетен странец за вториот дел од сезонава, а изборот на управата и на тренерот Србиновски падна врз Ефианаји. Станува збор за играч кој настапува на позициите „три“ и „четири“, кого го краси одлична подвижност и прецизен шут од надворешните позиции.
„Доведовме квалитетен кошаркар кој ќе ни помогне во овој значаен дел од сезоната. Очекуваме тој да ни биде значаен адут во периодот што следи. Не ја исклучуваме можноста за ангажман на уште еден играч, со оглед на фактот дека во тимот имаме простор за доведување на нови странски кошаркари“ – изјави тим-менаџерот на Гостивар, Бали Саити.
Американскиот кошаркар доаѓа во Гостивар од бугарскиот шампионат, откако првиот дел од сезоната го мина во дресот на Балкан од Ботевград. Претходно, тој настапуваше и во Украина за тимот на Одеса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА