Легендарниот возач во Ф1, Миахел Шумахер (48) кој речиси четири години е во тешка здравствена состојба по несреќата што му се случи во декември 2013 година кога имаше тежок пад на скијање во Франција,ќе биде подложен на специјален лекарски третман во САД. Според шведскиот весник „Експресен“, и германскиот „Браво“, Шумахер од неговиот дом во Швајцарија наскоро треба да биде префрлен во центарот за повреди на мозок во Далас откако неговата сопруга Корина одлучила да се обидат и со овој нов медицински третман и најверојатно, последната операција.
Шумахер ќе се обиде да го спаси д-р Марк Мекс, кој е еден од најпознатите неврохирурзи во светот.
„Имаме големо искуство со такви пациенти. Се сомневам дека некој во Европа лечел повеќе пациенти со вакви повреди од мене“ – изјави доктор Мекс за германските медиуми кои го опишуваат како „единствена личност која може да му помогне на Шумахер“.
Семејството на седумкратниот светски шампион во Формула 1 во изминативе четири години проба се и ги ангажира најдобрите лекари, но поголем напредок во лекувањето на Шумахер не беше постигнат.
Во несреќата на 27 декември 2013 година, Михаел Шумахер се здоби со тешки повреди на мозокот. Три месеци беше во индуцирана кома, после што состојбата му се стабилизира. Кон крајот на 2014 година беше објавено дека германскиот ас е парализиран, не може да зборува и има проблеми со помнењето. Семејството се обидува да ја заштити приватноста и затоа за неговата состојба има многу малку информации во јавноста. Според последните информации од мај годинава, Шумахер и понатаму е неподвижен, а лекувањето во САД е последната надеж за подобрување на состојбата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА