Американците сакаат медал во ракомет и не се шегуваат

Репрезентацијата на САД доаѓа со улога на аутсајдер на претстојниот ракометен мундијал, но Американците се цврсто решени да го кренат нивото на ракометниот спорт во својата држава.

Женската национална селекција веќе беше на неколку кампови со најдобрите европски репрезентации, додека машиот состав играше турнири против квалитетни европски клубови. Ваквиот пристап вроди со плод, па САД го освои првенството на Северна и Средна Америка што се одржа лани и обезбеди билет за мундијалот во Полска и Шведска.

За главен спонзор на ракометната федерација е потпишан договор со телекомуникацискиот гигант Веризон, кој не само што инвестира пари во кревање на квалитетот, туку преку своите канали прави се што може за да го популаризира ракометниот спорт.

„Сакам децата кои играат кошарка на улица и немаат шанса да добијат кошаркарска стипендија да се обидат со ракомет. Во САД постои голем број врвни спортисти кои не успеале да стигнат до НБА, до ватерполо или одбојкарската репрезентација на САД, но имаат потенцијал да бидат добри ракометари. Нашата цел е да ја привлечеме оваа група на луѓе“, изјави поранешниот претседател на федерацијата, Бери Сиф.

Актуелниот директор во ракометната федерација, Рајан Џонсон, е убеден дека овој спорт рапидно ќе се развива на американско тло.

„Ние сакаме медал од едно ракометно големо натпреварување во иднина и тоа не е шега. Во моментов можеби делува нереално, но мислам дека никој во САД не сфаќа колку потенцијал имам како нација во овој спорт. Ни треба само малку залет, една искра што ќе го запали пламенот меѓу Американците за ракометот, тогаш само небото ќе биде граница за нас“, оптимист е Џонсон.

Се вчитува...