Американците водат во екипното натпреварување во уметничко лизгање

Репрезентацијата на Соединетите американски држави е во водство по првиот ден од екипното натпреварување во уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Пекинг, односно по завршувањето на кратката програма во машка категорија, како и танцовите и спортските парови.

По максимални 10 поени за САД освоија неверојатниот Нејтан Чен кај мажите, како и Медисон Убел и Захари Донахју во танцовите парови. Алекса Кнерим и Брендон Фрејзер го освоија третото место и осум поени во спортските парови. САД има 28 поени по првите три настапи, односно два повеќе од второпласираната Русија. Трета е Кина со 21 поен.

Натпреварувањето продолжува во недела кога дамите ќе ја имаат кратката програма, додека мажите ќе настапат во слободната програма. Медалите ќе бидат доделени во понеделник.

 

Се вчитува...