Веќе нема никакви дилеми, Кристијано Роналдо кариерата ќе ја продолжи во Јувентус откако и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, дал согласност најдобриот фудбалер на „кралевите“ летово да си замине од „Сантијаго Бернабеу“. Желбата на фудбалерот беше јасна и децидна, па менаџерот Жорге Мендеш вчерашниот ден го мина во Мадрид за да издејствува трансфер на својот клиент надвор од Мадрид. Флорентино Перез имал еден последен обид да го задржи Португалецот, но откако му станало јасно дека тоа нема да се случи, претседателот на „кралевите“ на крајот дал „амин“ за негово заминување.
Според весникот „Марка“, кој важи за одлично упатен за случувањата во Реал, на состанокот бил и клупскиот директор Хозе Анхел Санчез, а на истиот била одредена и цената – сто милиони евра. Станува збор за сума што Јувентус е подготвен да ја плати, а со самото тоа и да урне бројни рекорди во италијанскиот фудбал. Имено, Роналдо не само што би станал најскап фудбалер во историјата на „калчото“, туку и убедливо најплатен играч во оваа лига. Тој ќе потпише четиригодишен договор вреден 30 милиони евра по сезона, што е четири пати повеќе од она што го заработува Гонзало Игуаин, моментно најдобро платениот фудбалер во Серија А.
За да се задоволат правилата на финансиски ферплеј ќе биде продаден токму Игуаин, а Јуве згора на тоа ќе потпише побогат спонзорски договор со конгломератот „Ексор“, во сопственост на семејството Ањели. Иако постоеја најави дека трансферот би можел да биде покриен од Адидас, ваквата опција ја отфрлил самиот фудбалер кој има потпишано доживотен договор со Најк што планира да го испочитува.
Јасно е, мега-трансферот се ближи до реализација, а само прашање на ден е кога Јувентус и официјално ќе го потврди доаѓањето на португалската мега-ѕвезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА