Аморим даде „амин“: Циркзе веднаш заминува од „Олд Трафорд“

Џошуа Циркзе е подготвен да си замине од Манчестер Јунајтед нецели шест месеци откако овој фудбалер пристигна на „Олд Трафорд“, најавуван како големо засилување на „црвените ѓаволи“, уште еден во низата играчи кои не ги оправдаа очекувањата по трансферот во редовите на најтрофејниот англиски клуб.

Тој донесе победа во првото премиерлигашко коло, но оттогаш или не добиваше шанса, или кога ќе се најдеше на теренот беше бледа сенка од играчот кој лани имаше сезона за паметење во дресот на Болоња. Холанѓанецот се жали и на проблеми со адаптацијата на животот во Англија, не криејќи ја желбата да се врати назад во Италија доколку добие интересна понуда. Управата на Јунајтед го чекаше ставот на новиот тренер Рубен Аморим, но португалскиот стратег по само неколку дена крена раце од Холанѓанецот, давајќи зелено светло тој да може да си замине од „Олд Трафорд“.

Италијанскиот весник „Кориере дело спорт“ информира дека Циркзе веќе почнал преговори со Јувентус, прифаќајќи ја понудата повторно да игра за Тијаго Мота со кого имаше беспрекорна соработка во Болоња. Проблем останува финансиската немоќ на „старата дама“, која во јануари може да доведе нови засилувања на позајмица, па останува да се види дали Јунајтед ќе се согласи на таква разврска или ќе бара нов купец, за перманентен трансфер на Циркзе.

Се вчитува...