Аморим го избриша Хојлунд, Милан го чека со раширени раце

Расмус Хојлунд не е дел од плановите на Рубен Аморим, а пораката е уште појасна откако португалскиот стратег не го вклучи данскиот голгетер ниту на поширокиот список на фудбалери за отворањето на сезоната против Арсенал.

Ангажманот на Шешко од Лајпциг значеше дека најмалку еден од постоечките офанзивци ќе мора да си замине, Хојлунд изрази желба да остане и да се бори за првотимски статус, но тоа очигледно нема да се случи. Аморим е со jaсна визија за тимот во која нема место за Данецот, кој се покажа како големо трансфер-промашување по доаѓањето од Аталанта.

Враќањето назад во Серија А е најреална опција за овој голгетер, особено откако Милан покажа сериозен интерес да го доведе во овој преоден рок. „Росонерите“ имаат и начелен договор за позајмица вредна пет милиони евра, со можност следното лето целосно да го откупат Хојлунд од Јунајтед за 40 милиони евра.

Данецот одолговлекуваше, но сега кога е јасно дека деновите во Манчестер му се избројани тој е подготвен да ја прифати понудата за преселба на „Сан Сиро“.

Се вчитува...