Манчестер Јунајтед со едната нога веќе е во големото финале од Лигата на Европа откако на првиот меч во Билбао го совлада тимот на Атлетик со 0-3.
Сепак, Рубен Аморим предупредува дека неговите избраници во ниту еден момент не смеат да го потценат противникот на утрешниот реванш.
„Знаеме дека ваквите средби се решаваат со одредени моменти, еден гол или картон може да го одведе мечот во сосема поинаков правец од она што го посакуваме. Затоа мораме да сме смирени, да ја играме нашата игра и да стигнеме до резултатот што го посакуваме“, изјави Аморим.
Тој повтори дека е разочаран од игрите и резултатите на тимот во Премиер-лигата, но потсети дека со кревање на трофејот во Лигата на Европа може значително да се поправи тој впечаток.
„Јас веќе кажав, ако ја гледате само Премиер-лигата, ние сме најслабиот тим од аспект на резултатите од моментот на моето доаѓање, па се досега. Тоа е моето мислење и јас стојам зад тоа. На крајот од сезонава, може да бидеме најслабиот тим на Манчестер Јунајтед во историјата – со европски трофеј. Тоа нема да ги смени работите во Премиер-лигата, знаеме дека моравме подобро на домашната сцена, но секако дека сакаме да го кренеме пехарот во Лигата на Европа. Она што ме радува е што напредуваме како тим, играме се подобро, посамоуверено и подготвени сме за овој предизвик“, истакна стратегот на „црвените ѓаволи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

