Аморим не крева телефон, а на неговиот наследник му треба помош…

Рубен Аморим едвај дочека да си замине од Манчестер, истиот ден по добиениот отказ веќе полета за Португалија, затворајќи ја целосно најнеуспешната епизода во својата тренерска кариера.

Сепак, Португалецот покажа и дека не поседува човечка големина откако ја прекина целосно комуникацијата со сите во клубот, воопшто не одговарајќи на повиците на Дарен Флечер, кој е поставен како привремен тренер додека не биде избран наследникот на Аморим.

Флечер, кој досега работеше со младинскиот тим на „црвените ѓаволи“, вечерва ќе го предводи Јунајтед на мечот со Барнли, на прес-конференцијата пред натпреварот обелодени дека неговиот претходник воопшто не одговорил на повиците и пораките.

„Немав можност да разговарам со Рубен Аморим. Се обидов да стапам во контакт со него, со повици и со пораки, но не успеав. Тоа е разбирливо, сигурно е многу зафатен, па не стигнал да ми се јави. Би сакал да разговарам бидејќи ќе ми беше добредојдена помош, некој совет, но што е тука е… Ме изненадува затоа што генерално јас имав добар однос со него. Не се гледавме често бидејќи ние бевме на сосема друг крај од зградата, но секоја средба ни беше во позитивно расположение. Впрочем, под негово водство мојот син дебитираше за првиот тим на Манчестер јунајтед. Како татко секогаш ќе му бидам благодарен“, истакна Дарен Флечер.

Се вчитува...