Хари Мегваер ќе го носи дресот на Манчестер јунајтед и во новата сезона откако управата и тренерот Рубен Аморим решија да ја активираат клаузулата за нови 12 месеци соработка меѓу англискиот дефанзивец и „црвените ѓаволи“. Договорот на Мегваер истекуваше на крајот од оваа сезона, но Јунајтед ја искористи клаузулата што овозможуваше соработката да биде продолжена според однапред договорени услови.
Аморим ја обелодени оваа информација, додавајќи и дека очекува Мегваер да ја крене формата во периодот што следи.
„Хари Мегваер останува во Јунајтед, ќе ја активираме клаузулата за продолжување. Зборував со него утрово, му објаснив дека ни е потребен, но и дека мора многу да напредува. Во вакви моменти се потребни лидери на тимот, Хари е еден од тие лидери, но ќе мора да го крене нивото на игра, тој е свесен за тоа“, изјави Аморим.
Манчестер Јунајтед в недела го очекува тешко гостување против лидерот Ливерпул, меч за кој Аморим повторно нема да може да смета на Маркус Рашфорд.
„Рашфорд е болен, не тренираше со тимот последните денови и речиси сигурно нема да патува со нас за Ливерпул“, прокоментира стратегот на „црвените ѓаволи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА